Шаќири: Образованието е важен сегмент за надминување на етничките бариери
Министерот Шаќири се обрати на презентацијата на наодите од Истражувањето за перцепциите, мислењата и ставовите за меѓуетничката интеграција и кохезија во основното и средното образование во Северна Македонија, што денес се одржа во Скопје...

Република Северна Македонија е мултиетничко и мултикултурно општество кое цели кон меѓусебно разбирање и заедничко живеење на заедниците, едни со други а не едни покрај други. Градењето на општество со што помалку етнички бариери е сериозен предизвик, а образованието е важен сегмент за негово надминување, рече министерот за образование и наука Јетон Шаќири на презентацијата на наодите од Истражувањето за перцепциите, мислењата и ставовите за меѓуетничката интеграција и кохезија во основното и средното образование во Северна Македонија, што денес се одржа во Скопје.
Истражувањето го реализираше Институтот за општествени и хуманистички науки – Скопје, во соработка со надворешни експерти, на барање на Министерството за образование и наука, на крајот на 2022 година.
Министерот Шаќири укажа дека во воспитно-образовниот процес се вклучени бројни активности и содржини кои промовираат интеркултурализам.
За да можат Министерството за образование и наука и другите институции кои работат на меѓуетничка интеграција во образованието, да вршат релевантно програмско планирање, треба да ги знаат ефектите од преземени мерки, активности, иницијативи и проекти за меѓуетничка интеграција и кохезија во основното и средното образование.
„Токму ова е целта на Истражувањето, преку наодите да видиме до каде сме, а преку препораките – каде да продолжиме“, посочи Шаќири.
Ова е второ истражување, по иницијалното од 2017 година, и е спроведено на национален примерок од ученици, наставници, родители, стручни соработници и директори на основните и средните училишта, на македонски, албански, турски, српски и на босански јазик.
Министерот изрази голема благодарност до Мисијата на ОБСЕ во Скопје, што го поддржа истражувањето како и за континуираната поддршка што трае речиси една деценија, во насока на зајакнување на социјалната кохезија и промовирање на интегрираното образование.
