Меџити ќе бара одговор за договорите на дело, в година реорганизација на Клинички центар
Јавните здравствени установи ќе останат без кадар бидејќи на околу 2.500 вработени им истекува петгодишниот договор. Меџити рече- ќе бара одговор. Додека се бара решение за ангажираните со договор на определено време, организациските директори куртулија од најавените разрешувања...

Ако министерот за здравство не преземе мерки, околу 2.500 медицински сестри, болничари, ангажирани со договор на определно време на 31-ви декември ќе останат без работа. Јавните здравствени установи ќе останат без кадар бидејќи на овие вработени им истекува петгодишниот договор. Меџити рече ќе бара одговор, зошто не е решен статусот на оние кои со договор на определно време се ангажирани во здравствените институции.
„Направивме групи и работевме на тоа. Макотрпно работев на тоа и не знам зошто се случува ова. И утре како член на Влада и министер за здравство, ќе го покренам многу динамично и бескомпромисно ова прашање, за да се види што ќе се случи со тие лица кои се со договор на дело“, изјави денеска министерот за здравство Меџити.
Додека се бара решение за ангажираните со договор на определено време, организациските директори куртулија од најавените разрешувања.
„Процесот е почнат и некаде после изборите ќе биде реализиран со оглед на тоа што треба да се направат соодветните реорганизации. Тоа е процес кој ќе биде завршен, бидејќи да бидеме реални, на еден километар квадратен: 60 директори, 60 организациски директори, 60 управни одбори-нема никаква потреба од тоа“, нагласи премиерот Димитар Ковачевски.
Нова опрема вредна половина милион евра беше пуштена во употреба во лабораторијата во МАНУ. Со неа има можност за дијагноза со секвенционирање на гени на наследни и малигни болести, меѓу кои и ретки болести. Со помош на најмодерна и најсофистицирана опрема, резултатите од направените истражувања ќе бидат готови за еден ден, со што значително се подигнува квалитетот на работата на Академијата.
Наташа Јанчиќ-Менковски
