Спуштена завесата на кошаркарскиот шампионат

МЗТ Скопје со шампионски хет-трик

04.06.2014 14:14

Од литванското трио – Гечевски, Чековски и Стојановски - коешто е срцето, душата и мозокот на тимот, на Дамјан му припадна признанието МВП на финалето...

Еднаш мораше, се случи вчера. МЗТ Скопје дојде до титула преку Работнички. Во седмиот меѓусебен двобој, Аеродромци конечно последни останаа на паркетот. И во минатото имале екипи за почит, имале квалитетни поединци и тренери, имале силен колектив, но го немаа завршниот удар.

„Ова е можеби најтешката титула за МЗТ, бидејќи беше дерби, а во дерби-ресметките никогаш не се знае кој ќе бид ешампион, без разлика кој е фаворит и кој има подобри играчи. Во нив се е прашање на желба, кој ќе даде максимум, доаѓа до победата“, рече по натпреварот еден од носителите на играта на шампионскиот тим, Дамјан Стојановски.

„Овие натпревари беа празник за кошарката во Македонија. Имаше многу публика, коректно навивање и се надевам, квалитетна кошарка“, смета капитенот на МЗТ, Тодор Гечевски.

„Ги добивме сите натпревари во регуларниот дел на првенството. Имавме пет победи повеќе од Работнички. Петпати годинава го победивме, бевме апсолутно најдобриот тим“, вели тренерот Зоран Мартич.

Од литванското трио – Гечевски, Чековски и Стојановски - коешто е срцето, душата и мозокот на тимот, на Дамјан му припадна признанието МВП на финалето.

„Целата екипа треба да биде МВП. Секој меч даде различни играчи коишто беа расположени за игра. Во тоа беше нашата предност поради што освоивме титула“, вели Стојановски.

Прашањето што не интересира сите, му го поставивме на Тоше. Ќе продолжи ли и натаму со кариерата?

„Не знам се уште. Ќе дадам одговор понатаму. Сега ќе одморам малку, па ќе донесам одлука“, гласеше одговорот.

Зоран Мартич и следната сезона останува на кормилото на тројниот шампион. Стандардите сега се високи – домашните, региоанлните и европските. Кои се неговите очекувања?

„А којзнае што носи утрешниот ден? Ќе видиме“, беше загадочен словенечкиот стручњак.

Во 22 сезони, МЗТ освои 3 титули во 9 финални серии, сите порази се од вечниот ривал. Работнички уште долго ќе остане недостижен, со 14 трофеи од 18 обиди. Фени има 3, Струмица и Никол Ферт по еден пехар.

Зад нас останува турбулентна кошаркарска натпреварувачка година, следната нека биде уште по возбудлива.