Неучеството на опозицијата во техничката влада може да го доведе во прашање легитимитетот на изборите, велат аналитичарите
По ставот на ВМРО-ДПМНЕ дека допрва партиските тела ќе носат одлука, аналитичарите велат дека тие имаат право самите да донесат одлука дали ќе имаат делегирани претставници од свои редови за министри и заменици во техничката влада.

Со Пржинската влада треба да се направи баланс на политичката моќ пред изборите и да се даде шанса на опозицијата преку свој претставник да има увид во подготовката на изборите, велат политички аналитичари за МТВ. Неучеството на опозицијата може да го доведе во прашање легитимитетот и кредибилитетот на резултатот од гласањето велат дел од политиколозите.
„Ако ВМРО-ДПМНЕ не учествува со свои предлози за технички министри, може да се постави прашањето за легитимитетот и кредибилитетот на постизборните резултати, односно да се обвинат и ДИК и оние кои го спроведуваат изборниот процес за нерегуларности, условно кажано тоа не е нешто непознато во парламентарната историја на земјава“, смета политичкиот аналитичар Благојче Атанасоски.
По ставот на ВМРО-ДПМНЕ дека допрва партиските тела ќе носат одлука, аналитичарите велат дека тие имаат право самите да донесат одлука дали ќе имаат делегирани претставници од свои редови за министри и заменици во техничката влада.
„Доколку се решат да учествуваат ќе имаат поголема контрола и увид во однос на подготовката на изборите, затоа што ќе имаат двајца министри и четворица заменици министри. На нив е да проценат дали тоа ќе им донесе повеќе корист или штета, иако според мене учеството на ВМРО-ДПМНЕ во таа техничка влада не дава дополнителен легитимитет на техничкиот премиер“, вели аналитичарот Владимир Божиновски.
Владејачкото мнозинство предлага премиер во предизборието да биде актуелниот собраниски спикер Талат Џафери, додека координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митревски да ја добие претседателската функција во Собранието.
Анита Димитријевска – Велковска
