Енергетика

Регулаторна најави нова давачка во сметките за струја „пристап до мрежа“

11.12.2023 16:42

Утре Регулаторната комисија за енергетика, ќе соопшти детали околу новата давачка „пристап до мрежа“. Околу 30 милиони евра е проектирано да се соберат на годишно ниво од потрошувачите. Граѓаните стравуваат од нов ценовен шок, власта уверува ќе поскапи струјата само за оние што трошат повеќе.

Струјата поскапува за оние што ќе трошат повеќе. Се чека од Регулаторната комисија за енергетика да пресече колку од прикажаните трошоци на компаниите ќе бидат прифатени. Ќе се вметне и нова давачка „пристап до мрежа“, а постојната ставка „мрежарина“ ќе биде пониска. Премиерот Ковачевски смета дека новата пресметка нема да влијае врз домаќинствата кои користат најмалку струја блок 1 и 2, туку само за оние како што вели, кои ја користат за луксуз.

„Третиот и четвртиот блок се помал број домаќинства што имаат поголема потрошувачка на електрична енергија. Во четвртиот блок се домаќинства коишто согласно своите приходи, согласно своите можности загреваат поголеми простории, базени итн. Секој согласно своите можности тоа може да го прави, меѓутоа и ќе плати поскапа цена на електрична енергија бидејќи, да не заборавиме, ние ја субвенционираме до 90% за да немаме ценовен шок“, изјави Димитар Ковачевски – претседател на владата.

Евтината тарифа преку ден според Ковачевски е одредена врз основа на пресметката што ја определува просечната потрошувачка на електрична енергија во текот на 24 часа. Од 13 до 15 часот има зголемена потрошувачката на струја, бидејќи голем број домаќинства имаат пензионери.

 

Андријана Ѓурческа