Турција му определи 40 дена екстрадициски притвор на Љупчо Палевски
Турција му определи 40 дена екстрадициски притвор на Љупчо Палевски – Министерството за правда добило допис од македонската Амбасада во Анкара. Истрагата ја води Обвинителството, Спасовски не одговори на дел од прашањата. Опозицијата бара одговорност.

40 дена екстрадициски притвор за Љупчо Палевски одредило Обвинителството во Баликесир. Со Турција досега немало проблеми за екстрадиција – велат од Министерството за правда. Очекуваат брзо испорачување на првоосомничениот за убиствата на Вања Ѓорчевска и на Панче Жежовски.
„Амбасадата на Република Северна Македонија во Анкара испрати допис до Министерството за правда во кој информира дека ни доставува добиена Нота од МНР на Република Турција, како одговор на нотата доставена од амбасадата на РСМ во Анкара од 06.12.2023 година, со која информираат дека врз основа на дописот добиен од канцеларијата на главниот јавен обвинител во Баликесир, определен е екстрадициски притвор за Љупчо Палевски, во траење од 40 дена“, стои во соопштението од Правда.
Професорот Калајџиев посочи дека екстрадицијата е уредена со повеќе прописи, а најважни се домашните, во случајот турските. Тоа значи дека во неколку чекори се одлучува за екстрадиција.
Откако експертската јавност посочи дека жестоката реторика од надлежните, но и од јавноста, може да се искористи во полза на осомничените, обвинителството повнимателно соопштува детали од истрагата. До овој момент, нема детали од обдукцискиот наод, ниту сознанија во кој правец се шири истрагата. Спасовски не сподели информации за балистичката анализа. Рече дека извештајот ќе биде доставен до Обвинителството.
Од ВМРО-ДПМНЕ бараат одговорност за Спасовски. Според нив, министерот излажал дека возилото на убиениот Панче, со кое беше киднапирана Вања не било барано, бидејќи не знаеле дека и тоа е исчезнато.
Двете грозоморни убиства тема и на Комисијата за одбрана и безбедност. Членовите го прифатија предлогот на пратеникот Трајанов и го задолжиле министерот за внатрешни работи спасовски во рок од 15 дена да ја достави информацијата за двократната егзекуција. Додека Обвинителството собира докази за криминалите на Палевски, тој 12 дена пред убиството на Вања доставил иницијатива за референдум за договорот за пријателство меѓу Македонија и Бугарија, која Собранието ќе ја разгледа на 22-ри декември.
Наташа Гркова-Петрушевска
