Израел ја продолжува копнената офанзива, Хамас сo закани за ликвидирација на заложниците
Силни експлозии се слушаат во Газа, Израел ја продолжува копнената офанзива и покрај се почестите притисоци за прекин на огнот. Хамас се заканува дека ќе ги ликвидира израелските заложници…

Израел нема намера трајно да остане во Појасот Газа, но целите мора да ги исполни, Хамас е на прагот на уништување, тврди израелската одбрана. На северот опколени последните упоришта на терористите.
„Ги поткопуваме последните упоришта на Хамас во Џабалија и Шиџаја, две места кои Хамас ги сметаше за непобедливи. Меѓу оние што се предаваат има и терористи кои учествуваа во настаните од 7-ми октомври. Тие се на прагот на уништување. Ќе преземеме сè тоа да се случи, но немаме намера трајно да останеме во Појасот Газа“, изјави израелскиот министер за одбрана, Јоав Галант.
Жестоки борби се водат и на југот. Офанзивата во Кан Јунис напредува.
„Има голем притисок, мислам дека и ова предавање, луѓето што излегуваат и креваат раце е кршење на духот, а тоа ги забрзува нашите достигнувања“, изјави началникот на израелската армија, Херзи Халеви.
Хамас се закани дека нема да остави ниту еден заложник жив, без преговори. Се погласни се повиците на меѓународната заедница за прекин на огнот, но САД најави дека остануваат зад одлуката за вето којашто претходно ги попречи напорите на Советот за безбедност за ставање крај на војната.
„Овој конфликт создаде многу пречки за Израел, за регионот, за целата глобална заедница. Се обидуваме да најдеме решение што ќе ги заштити цивилите и ќе гарантира дека Хамас нема да може повторно да се вооружа и повторно да почне напади како од 7-ми октомври“, изјави Метју Милер, портпарол на Стејт департментот.
Генералното собрание на ОН на итна средба за Појасот Газа и гласање резолуција за прекин на огнот.
Бојана Крстевски
