Интеграции

Заседание на Советот за општи работи на ЕУ, пред Самитот ЕУ-Западен Балкан

12.12.2023 11:59

Во Брисел заседава Советот за општи работи на ЕУ. Во агендата на состанокот, проширувањето и вторите меѓувладини конференции со Скопје и Тирана. Кај нас, тоа е условено со носењето на уставните измени. Заседанието се одржува еден ден пред самитот ЕУ-Западен Балкан...

Поддршка за побрза интеграција на земјите од Западниот Балкан и охрабрување да продолжат со реформите. Отворање поглавја врз основа на заслуги, ова се дел од заклучоците на Европската комисија кои се подготвуваат да се усвојат на претстојниот Совет на ЕУ.

„Треба да испратиме сигнал до нашите партнери од источното соседство и Западниот Балкан дека стоиме на зборот за проширувањето и ги охрабруваме да продолжат со реформите. Ова е најзначаен одговор за партнерите кои се на европскиот пат“, изјави Даниела Григоре Гитман, државен секретар во МНР на Романија.

„Не треба да заборавиме дека не се само две земји коишто сакаат да се придружат на ЕУ, туку и Балканот кој направи многу напори во последните години“, изјави Хавиер Бетел, министер за надворешни работи на Луксембург.

Министрите за надворешни и европски прашања не можат да се договорат за почеток на преговори со Украина поради противењето на Унгарија. Широка поддршка има за почеток на преговори со Босна и Херцеговина и со Молдавија.

„Сакаме јасен и фер пристап на сите членки и на идните за пристапниот процес. Ако почнување преговори со Украина и Молдавија, мора да почнеме и со Босна и Херцеговина“, изјави Каролин Едштадлер, министер за европски прашања на Австрија.

„Хрватска силно поддржува отворање преговори со Украина, Молдавија и со Босна и Херцеговина. Сите овие земји имаат свои предизвици, но направија голем напредок. Мораме да им испратиме силна позитивна политичка порака со почеток на пристапните преговори, а отворањето поглавја ќе биде врз основа на заслуги“, изјави Андреја Метелко-Згомбиќ, државен секретар за европски прашања на Хрватска.

Советот за општи работи ќе предложи кандидатски статус за Грузија.

 

Ирина Гелевска