Жестоки борби и повици за прекин на насилството
Хамас се заканува со убивање заложници, Израел не се откажува од офанзивата. Жестоки борби во Газа, загинати во напад со дрон и во градот Џенин на Западниот брег. Вашингтон апелира, Тел Авив да не дозволи ширење на конфликтот на Блискиот исток…

Продолжуваат интензивните напади на израелските сили во Појасот Газа. Терористите се на прагот на уништување-тврди одбраната. На северот опколени последните упоришта на Хамас. Откриени складишта и оружје скриени во куќите на цивилите.
„Ги поткопуваме последните упоришта на Хамас во Џабалија и Шиџаја- две места кои Хамас ги сметаше за непобедливи. Меѓу тие што се предаваат има и терористи кои учествуваа во настаните од 7-ми октомври. Тие се на прагот на уништување“, изјави Јоав Галант, министер за одбрана на Израел.
Борби има и во Рафа, во близина на египетската граница каде што се засолнети илјадници цивили. Во фокусот на војната и натаму јужниот град Кан Јунис.
„Има голем притисок, мислам дека и ова предавање, луѓето што излегуваат и креваат раце, е кршење на духот, а тоа ги забрзува нашите достигнувања“, вели Херзи Халеви, началник на израелската армија.
Меѓународниот притисок расте поради хуманитарната криза. СЗО помага да се евакуираат пациентите од болницата Ал-Ахли. Повикаа на поголема здравствена и хуманитарна помош.
„Никогаш не сум видел вакво нешто во мојот живот. Болницата е воена зона, сите простории се преполни со пациенти“, изјави Ричард Пиперкорн, претставник на СЗО за Палестина.
САД повторно го повикаа Тел Авив да стори повеќе за заштита на цивилите, но остана на ставот дека ќе му пружат воена помош на Израел, сè додека не се ослободат од Хамас.
„Ќе продолжиме да даваме воена помош додека не се ослободат од Хамас, но мораме да бидеме внимателни. Целиот свет може да го промени јавното мислење преку ноќ. Не смееме да дозволиме тоа да се случи“, рече американскиот претседател Џо Бајден.
Израелските власти најавија повеќе хуманитарна помош со отворањето на новиот пункт за контрола на преминот Керем Шалом. Генералното собрание на ОН на итна средба за Појасот Газа и гласање резолуција за прекин на огнот.
Бојана Крстевски
