Политика

Ковачевски со апел, сите партии да делегираат претставници во техничката влада

12.12.2023 12:15

Премиерот Ковачевски тврди дека не се крши законот со тоа што кандидат за технички премиер ќе биде Талат Џафери од ДУИ, а не некој од редовите на СДСМ. Џафери подготвен да ја прифати премиерската функција...

Законот за Влада не се крши со тоа што Талат Џафери ќе биде технички премиер 100 дена пред избори, вели премиерот Ковачевски. Претседателот на државата, мандатот за формирање влада го дава на коалицијата со најголем број пратеници и оттука, вели Ковачевски, нема ништо спорно во назначувањето на Џафери. Шефот на Владата апелира, партиите да учествуваат во техничката влада, имајќи предвид дека најголемата опозициска партија сè уште не донела одлука, дали ќе има свои министри и заменици во кабинетот што ќе биде задолжен за спроведување на изборите.

Актуелниот собраниски спикер, Џафери, подготвен е за прифаќање на премиерската функција. Вели, служел на сите граѓани на Македонија и исто ќе биде и кога ќе седне во премиерската фотелја.

Во ВМРО-ДПМНЕ сè уште размислуваат дали ќе партиципираат во владата од 28-ми јануари. За тоа ќе одлучат партиските тела.

 

Миле Ристески