Претставниците на КОП28 без договор за укинување на фосилните горива
Планетата земја се загрева, температурата на океаните е повисока од вообичаеното, се топи мразот на Арктикот, но и глечерите на Европскиот континент. И покрај загрижувачката состојба, претставниците од 198 земји на Конференцијата за климатски промени на Обединетите Нации во Дубаи, не успеваат да се договорат за постепеното намалување и забрана на фосилните горива, пред сè на нафтата и на јагленот. Изнајден е компромис за текстот на договорот што предизвика реакции особено кај европјаните и кај невладините организации …

Светот се подели околу употребата на фосилните горива. На Самитот во Дубаи, затворањето на термоелектраните на јаглен, како и намалувањето на влијанието на нафтата и нафтените деривати, предизвикаа различни ставови меѓу челниците на Европа и на арапските земји. Во ерата на глобалното затоплување, во предлогот на конечниот документ од Самитот отсуствува првично зацртаниот дел за намалувањето со фосилните горива заменет со рамноправно производство. Пред експоцентарот во Дубаи протестираа невладини за спас на планетата скандирајќи „Исклучете ги“.
„Повеќе влади во светот не се задоволни од текстот на договорот. Бараат посилен и поефикасен одговор за преговорите за климата. Тука сме да ги потсетиме дека очекуваме забрана за фосилните горива. Ова се наши човекови права кои треба да ги почитуваат и Обединетите Нации и високоразвиените земји“, изјави Себастијан Дујк од Центар за меѓународно еколошко право.
„Предлогот е комплетно неизбалансиран. Во него нема посветеност за јавното финансирање без кое ќе нема климатска правда. Целосно е несоодветен“, изјави Лиане Ирис Шалатек од фондација „Хајнрих бол“.
Европскиот континент се префрла на зелената енергија и обновливите извори, но производството на нафта ја диктира благосостојбата на арапскиот потконтинент, но и кај другите врвни играчи со црното злато.
„Што се однесува до фосилните горива, некои посакуваат да се забранат, некои да се намалат, некои посакуваат поинакви формулации. Важно е дека постигнавме договор. Не сакаме да го блокираме процесот, кој беше сложен. Сите страни треба да знаат која е целта“, изјави Маџид Ал-Суваиди, директор на КОП28.
„Не можам да кажам што се случуваше во просториите за преговори, тие беа затворени за јавноста, но она што е јасно е дека некои од земјите заработуваат многу пари од производството на нафтата“, изјави Дан Јоргенсен, министер за развој и за глобална климатска политика на Данска.
Документот стриктно не го исклучува постепеното укинување на фосилните горива, меѓу кои спаѓа и користењето на јагленот, врз кои се заснова производството на Кина и на Индија. Сепак, има амбициозен дел за намалување на глобалната температура за 1.5 степени целзиусови до 2030. За тоа ќе треба зелено светло од 198 земји учеснички на Конференцијата.
Зоран Богатинов
