Шар Планина

Ни трага, ни глас од најавените инвестиции на Попова Шапка

12.12.2023 12:43

Проектот за стратешки инвеститор на Попова Шапка оди во добра насока, истакна денеска Министерката за животна средина Каја Шукова. Како држава сме ги исполниле условите за инвестирање во центарот дополни таа, но за развој на туризмот на Шарпланинскиот масив потребна е поголема ажурност на општинските власти, особено во делот на расчистување на депониите...

Пред прагот на новата скијачка сезона, а сè уште нема никакви активности од најавените инвестиции на италијанската компанија Техно Алпин која според властите уште изминатава пролет требаше да инвестира на Попова Шапка. Министерката за животна средина Каја Шукова, вели дека се работи долг процес кој според неа оди во добра насока и се надева дека наскоро ќе се потпише конечниот договор за капитални инвестиции во центарот.

И додека се најавуваат инвестиции, Шара сè уште се сардисува од нелегални градби и диви депонии. Од Националниот парк, велат дека заштитата е најважната компонента на Шарскиот масив.

Министерката Шукова вели дека во борбата со девијантните појави особено со дивите депонии на Шара, клучната улога треба да ја имаат локалните власти.

На Шарпланинскиот масив се забележуваат диви депонии во атарот на повеќето села оти дел од комуналните претпријатија во рамки на општините не го собираат редовно сметот од Националниот парк, а еколошката свест на граѓаните е сè пониска.

 

 

Зоран Димовски