Владата со десетгодишна стратегија и инвестиции во системот за наводнување
Целта е да се задржи континуитетот во земјоделството и да се зголемат приносите, но и да има соодветна заштита од климатските промени...

Презентирана десетгодишната стратегија за наводнување, рехабилитација и изградба на нови системи. Целта е да се задржи континуитетот во земјоделството и да се зголемат приносите, но и да има соодветна заштита од климатските промени.
Акцискиот план што го подготви владиниот Комитет за надводнување предвидува во првите неколку години да бидат вложени околу 18 милиони евра годишно за овие цели, а во следните години средствата да се зголемат во износ кој нема да биде помал од 20 милиони евра на годишно ниво.
„Многу работи во земјоделството напреднаа, дел се решија, меѓутоа наводнувањето остана еден од погорливите проблеми кој во иднина се заканува да биде уште погорлив имајќи ги предвид климатските промени и достраеноста на системите“, нагласи премиерот Никола Груевски на денешната прва официјална презентација на Стратегијата пред градоначаници и директори на водоводни претпријатија.
Документот е изработен во соработка со водостопанските претпријатија, корисниците на државно земјоделско земјиште, со фармерите кои имаат поголеми земјоделски површини, како и во консултација со експерти од Турција, Израел и Хрватска.
Стратегијата е во форма на нацрт-документ кој со оглед на сериозноста на проблематиката во текот на летото ќе биде презентиран пред сите релевантни фактори низ државата.
Документот треба да биде усвоен најдоцна во септември откако претходно ќе бидат анализирани сите предлози и забелешки.
