Расте ризикот од појава на епидемија на морбили
Расте ризикот од појава на епидемија на мали сипаници во земјава. Опфатот со вакцинација е далеку под потребното ниво. Лекарите бараат граѓаните да ја разберат сериозноста на ситуацијата и да ги имунизираат нивните деца…

Опасност од појава на епидемија на мали сипаници постои, поради намалената имунизација со МРП-предупредуваат здравствените власти. Само седумдесет проценти од децата лани биле вакцинирани против морбили. Случај на мали сипаници во земјава нема, но постои ризикот морбилите да се импортираат од земјите во регионот, бидејќи во моментов има епидемија во Романија.
„Ќе се појави кога ќе има доволно акумулирано осетливо население или кога ќе се појави импортиран случај. Кога ќе се појави таков случај во средина на невакцинирана популација, тогаш може да зборуваме за епидемија“, вели Кристина Ставридис, епидемиолог во Институтот за јавно здравје.
Епидемијата во 2019-та година остави последици врз здравјето на дел од децата што ја прележаа заразата – алармираат лекарите. Акутните компликации се забележуваат веднаш, но за хроничните потребно е повеќе време.
„Конкретно јас имав пациент од инфективната клиника, бидејќи таму се хоспитализираа затоа што стануваше збор за болест од епидемиски карактер, за да не ги заразиме децата на Детската клиника кои имаат хронични болест. Таквите акутни компликации се регистрираат веднаш. Конкретно мојот пациент имаше коксит кој траеше шест месеци. Хроничните компликации бараат подолго следење“, изјави д-р Љиљна Којиќ, Клиника за детски болести.
Дополнителен проблем создаваат лажните вести во медиумите – тие ја зголемуваат недовербата кај родителите за вакцинација, особено што веќе имавме епидемија пред четири години.
„Има толку многу пари потрошено како човештво за да докажеме дека вакцините не предизвикуваат аутизам, има толку многу студии на располагање. Базирано на медицина на докази, не постои ниту еден релевантен доказ дека укажува на тоа дека вакцините предизвикуваат аутизам, конкретно МРП вакцината“, нагласи д-р Злате Мехмедовиќ, Комисија за заштита од заразни болести.
Годинава во земјава е забележан само еден случај на морбили, во Свети Николе, но болеста не се прошири бидејќи во градот процентот на имунизација е 90 насто. Најниска стапка на вакцинирани деца има во Куманово, само 40 насто. Изминативе месеци таму имаше теренска имунизација.
Андријана Ѓурческа
