Двојно убиство

Бубевски: Обезбедените докази се во иста насока со исказите на осомничените

12.12.2023 14:44

Обезбедените материјални докази се во иста насока со исказите на осомничените- Обвинителството со нови детали за двојното убиство, иако не откри многу…

Материјалните докази обезбедени по убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски се на иста линија со исказите што ги дале осомничените. Ова го потврди скопскиот обвинител Бубевски. Тој не соопшти нови суштински детали од истрагата, но посочи – вештачењето на собраните докази е во тек и за овој случај сите факти ќе бидат елаборирани во обвинението.

„Се испитуваат материјалните докази. Можам само да ви кажам дека материјалните докази говорат со истиот јазик со којшто зборуваа осомничените. Во овој дел толку“, изјави деканска обвинителот Гаврил Бубевски.

Изминатите денови, експерти предупредија дека погрдните квалификации и навреди кон осомничените можат да ја отежнат екстрадицијата на Палевски давајќи му аргумент пред турските власти да тврди дека земјава нема да гарантира фер судење, а со тоа и можност да бара азил.

Оттогаш, Обвинителството остана резервирано во споделувањето информации. Но, Бубевски вели сè што било потребно за да се комплетира барањето за екстрадиција е доставено до Министерството за правда.

„ОЈО Скопје ги има доставено сите потребни работи за постапката за екстрадиција“, нагласи обвинителот Бубевски.

Откако полицијата го најде телото, а лекарите од судска медицина ја завршија обдукцијата, наодот во кој се содржани причините за смртта и времето на нејзино настапување не се споделуваат јавно, поради како што велат од Обвинителството – интерес на истрагата. Верзијата, до која сè уште се држат истражните органи е дека девојчето било убиено со истрел од огнено оружје неколку часа по грабнувањето.

Анита Димитријевска-Велковска