Енергетика

Колку ќе поскапи струјата ќе се знае до крајот на наредната недела

12.12.2023 15:01

Енергетските компании ги поднесоа пресметките. Доколку целосно се прифатат нивните барања, струјата ќе поскапи за 27 проценти. Регулаторна ќе анализира, Бислимовски уверува – пристапот до мрежа не значи екстра трошок за потрошувачите. Давачката ќе ги опфати оние со викендички и екстра станови…

Во најава ново поскапување на цената на електричната енергија. Доколку Регулаторната комисија во целост ги прифати барањата на МЕПСО, МЕМО и на Електродистрибуција, сметките за струја ќе пораснат за 27 проценти. Финалната одлука ќе зависи од анализите на Регулаторна. До крајот на наредната недела РКЕ ќе пресече колкаво ќе биде новото зголемување, но претседателот Бислимовски уверува – ќе се води сметка за интересите на потрошувачите.

Давачката за пристап до мрежа се воведува од први јануари и ќе ги опфати сопствениците на викендички, напуштени куќи и станови кои ретко се користат. Според Бислимовски, овој своевиден „данок на луксуз“ е креативно решение за да се заштити редовниот потрошувач.

Анализите на професорот Румен Тасевски покажуваат дека реформата воведува правичност, бидејќи мрежарината ќе се намали за 20 проценти. Допрва ќе се утврдува колку ќе чини давачката, иако ќе се движи од 50 до 250.

Новата реформа е поради трендот на намалување на потрошувачката на електрична енергија.

 

Викторија Милевска