Почина Симон Илиевски, новинар од Охрид
Како новинар и дописник од Охрид за повеќе редакции остави огромен број новинарски натписи, радио и телевизиски прилози, документарни и други емисии. Илиевски кариерата ја почнал уште од средношколските денови...

По кратко боледување, на 66 години, денеска почина новинарот од Охрид, Симон Илиевски.
Како новинар и дописник од Охрид за повеќе редакции остави огромен број новинарски натписи, радио и телевизиски прилози, документарни и други емисии. Илиевски кариерата ја почнал уште од средношколските денови, а бил дел од редакциите на „студентски збор“, белградски „Студент“ загребски „Студентски лист“, словенечките „Трибуна“ и „Катедра“, како и весникот младост, а кратко соработува и со Македонската радио-телевизија. Тој бил дописник за електронски медиуми кај нас и во регионот.
Симон Илиевски беше претседател на регионалната канцеларија на Здружението на новинари Охрид – Струга до 2010 година кога целосно се повлече од новинарството и почна да работи во службата за односи со јавност, при општина Охрид.
По повод смртта на Симон Илиевски, Здружението на новинари на Македонија – регионална канцеларија Охрид и Струга, во среда ќе организира комеморација во големата сала на општина Охрид, со почеток во 10.30 часот. Погребот е закажан за утре во 12.30 часот на градските гробишта во Охрид.
