Македонија

Премиерот Ковачевски ќе учествува на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Брисел

13.12.2023 08:30

На Самитот покрај лидерите на земјите членки на ЕУ и на државите од Западниот Балкан, ќе присуствуваат и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, како и претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола...

Премиерот Димитар Ковачевски денеска во Брисел учествува на Самитот ЕУ-Западен Балкан, на кој главни теми ќе бидат зајакнувањето на политичкиот ангажман на Унијата со земјите од регионот, доближувањето на државите до ЕУ со нивна интеграција, поставување основи за економски раст, ублажувањето на последиците од руската агресија врз Украина и зацврстувањето на безбедноста и отпорноста.

На Самитот покрај лидерите на земјите членки на ЕУ и на државите од Западниот Балкан, ќе присуствуваат и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, како и претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола.

Се очекува на крајот на Самитот да биде усвоена заедничка декларација, во која, според најавите, ќе биде потенцирана нова енергија во односите на ЕУ со Западниот Балкан и новиот приод во пристапниот процес.