Израел

Генералното собрание на ОН гласаше за прекин на огнот во Газа

13.12.2023 09:33

Израел под се поголем притисок за окончување на војната со Хамас. Генералното собрание на Обединетите нации усвои резолуција со која се повикува на итен прекин на огнот во Појасот Газа. Цената на поразот на Хамас, не смее да биде континуираното страдање на цивилите, велат во заедничката изјава лидерите на Канада, Австралија и Нов Зеланд. САД и Израел гласаа против.

Израел ги продолжува бомбардирањата, фокусирајќи се на јужниот град Кан Јунис. Воздушни напади се изведуваат и на југ, во Рафа, во близина на границата со Египет. Генералното собрание на ООН гласаше со големо мнозинство за хуманитарен прекин на огнот во Газа.

„Нема да мируваме додека не видиме усогласеност на Израел со ова барање од Генералното собрание за прекин на огнот. Мислевме дека неколкудневните паузи без борби, а потоа обновувањето ќе создаде атмосфера и динамика на траен прекин на огнот. Тоа не функционираше“, изјави Ријад Х. Мансур, постојан набљудувач на државата Палестина во ООН.

Американскиот претседателот Бајден вели дека разговарал со премиерот Нетанјаху за заштита на цивилите. Според него, Израел ветиле дека ќе ги исполнат одговорностите за достава на хуманитарна помош и гориво. Во однос на тврдењата дека има заложници во тунелите во Газа, изјави дека не може да се потврди со сигурност.

„Мислам дека јасно им ставивме до знаење на Израелците, и тие се свесни дека независноста, безбедноста на невините Палестинци сè уште предизвикува голема грижа. Активностите што ги преземаат мора да биде доследни на обидот да се направи сè што е можно за да се спречи невините палестински цивили да бидат повредени или убиени. Имаме одговорност да ги заштитиме граѓаните и да им обезбедиме пристап до хуманитарна помош“, изјави Џо Бајден, претседател на САД.

Од израелската одбрана велат дека знаат како да дејствува против упориштата на Хамас и како да ги одвојат цивилите од цели на терористите.

„Имаме блиски односи со САД. Овие разговори вклучуваат и високи функционери, вклучително и оние што треба да отпатуваат во Израел во блиска иднина. Овие разговори се важни бидејќи сите ние имаме регионални закани на Блискиот Исток. Гледаме што се случува со активностите на бунтовниците Хути под иранска насока во Црвеното Море, ја гледаме активноста на Иран на други места, во Ирак, во Сирија, ги гледаме акциите на Хезболах“, изјави Даниел Хагари, портпарол на израелската одбрана.

Во меѓувреме, СЗО алармира дека од нападите на 7-ми октомври до денес, една третина од болниците во Газа не функционираат.

 

Маријана Димовска