Култура

Објавена книгата „Македонската книжевна жена“ од Ирина Тумбовска

13.12.2023 09:35

Ова е прва книга во која со книжевнонаучен пристап се анализираат женските ликови од современата македонска проза со цел да се издвојат модалитетите на женскоста во македонскиот роман...

Во издание на Центарот за култура и културолошки студии е објавена книгата „Македонската книжевна жена“ од Ирина Тумбовска. Ова е прва книга во која со книжевнонаучен пристап се анализираат женските ликови од современата македонска проза со цел да се издвојат модалитетите на женскоста во македонскиот роман. Но, во исто време, во оваа книга се отвораат и низа други прашања и теми, при што за некои од нив и храбро се отвора полемика.

Во оваа книга, за првпат, преку книжевнонаучна студија во исто време се присутни и анализирани женски ликови од романите на Владо Малески, Оливера Николова, Лидија Димковска и Петар Андоновски.

Според уредникот на изданието, Иван Антоновски, значајно е што во својата книга, Тумбовска ја проследува и еволуцијата на жената како лик во современата македонската книжевност – од целосна занеменост до голема гласност.

Во „Македонската книжевна жена“ е присутна и општата слика на човековиот живот, но секое навраќање кон неа во оваа книга е од друг ракурс на гледање преку кој се пренесуваат сите искуства на женските ликови. Колку историјата, околината, времето во кое живеат и професијата со која се занимаваат, влијаат врз создавањето на личноста? Како љубат македонските книжевни жени? Како ги доживуваат првата менструација, губењето на невиноста, првите заљубувања, машките фигури во нивните животи, мајчинството, контактот со самите себеси, со сопствените тела? Како сонуваат, како ги боли, како тагуваат, како се радуваат, што ги поврзува сите нив?

Инаку, ова е прва книга на Ирина Тумбовска, а нејзината првична верзија беше магистерски труд работен под менторство на професорката Весна Мојсова-Чепишевска, одбранет на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ.

„Македонската книжевна жена“ е објавена во едицијата „С/Мисла“ во која претходно беше објавена и дебитантската книга на Моника Илкова, „Книжевна мапа на Скопје“. Книгата на Тумбовска, веќе е достапна за читателите и во книжарниците.