ИЗРАЕЛ-ХАМАС

Продолжуваат нападите врз цели во Појасот Газа

13.12.2023 12:50

Израелската војска почна да ги полни тунелите на Хамас со морска вода. Продолжува копнената и воздушната офанзива во Појасот Газа. Советот за безбедност на Обединетите Нации со резолуција за прекина на огнот...

Израелската војска почна да го полни комплексот на тунели на Хамас во Газа со морска вода. Израел ги информираше САД дека ќе бидат поплавени само тунелите каде што нема заложници. Американскиот претседател Бајден вели дека не може со сигурност да се потврди дали во подземната инфраструктура има заложници. Во меѓувреме, продолжуваат копнената и воздушната офанзива. Владите на Австралија, Нов Зеланд и Канада повикаа на одржлив прекин на огнот.

„Јасни бевме дека сакаме итен прекин на непријателствата, реалноста е дека повикуваме на итен хуманитарен прекин на огнот. Се надеваме дека тоа може да премине и во траен прекин на огнот“, изјави Кристофер Луксон, премиер на Нов Зеланд.

Претходно, Генералното собрание на ООН гласаше со големо мнозинство за прекин на огнот во Газа. За усвојување на резолуцијата гласаа 153 земји, 10 беа против меѓу кои и Израел и САД, а 23 членки гласаа воздржано.

„Нема да мируваме додека не видиме усогласеност на Израел со барањето на Генералното собрание за прекин на огнот. Мислевме дека неколкудневните паузи без борби, а потоа обновувањето ќе создадат атмосфера и динамика на траен прекин на огнот. Тоа не функционираше“, изјави Ријад Х. Мансур, постојан набљудувач на државата Палестина во ООН.

Од израелската одбрана велат дека знаат како да дејствуваат против упориштата на Хамас и како да ги одвојат цивилите од терористите.

„Имаме блиски односи со САД. Овие разговори вклучуваат и високи функционери, вклучително и тие што треба да отпатуваат во Израел во блиска иднина. Овие разговори се важни бидејќи имаме регионални закани на Блискиот Исток. Гледаме што се случува со активностите на бунтовниците Хути под иранска насока во Црвеното Море, ја гледаме активноста на Иран на други места, во Ирак, во Сирија, ги гледаме акциите на Хезболах“, изјави Даниел Хагари, портпарол на израелската одбрана.

СЗО алармира дека од нападите на 7-ми октомври до денес една третина од болниците во Газа не функционираат.

 

Маријана Димовска