Спасовски: Членството во ЕУ ќе биде позитивно за граѓаните на земјава, визијата делумно ја исполнивме како дел од НАТО
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, денеска присуствуваше и се обрати на Шестта пленарна сесија на Национална конвенција за Европска Унија во Република Северна Македонија (НКЕУ-МК), на тема „Национална конвенција за Европска Унија:..

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, денеска присуствуваше и се обрати на Шестта пленарна сесија на Национална конвенција за Европска Унија во Република Северна Македонија (НКЕУ-МК), на тема „Национална конвенција за Европска Унија: Темелните општествени вредности за европска иднина“.
Спасовски се обрати на првата панел-дискусија на тема „Владеењето на правото-темелна општествена вредност: Патоказите и патиштата кон излезот од распаќето“.
„Европскиот пат на регионот на Западен Балкан без сомнение е високо на агендата на секој од нас, бидејќи граѓаните тежнеат да живеат во земји што се просперитетни, каде владеењето на правото е силно и корупцијата е искоренета. Токму владеењето на правото е еден од клучните сегменти кои гарантираат интеграција во Европската Унија, па во таа насока Министерството за внатрешни работи изминативе 20 години спроведе низа реформски процеси, поддржани од нашите партнери во ЕУ. Заеднички работиме кон постигнување на зацртаните цели во областа на владеењето на правото преку зајакната борба против организираниот криминал и корупцијата“, истакна министерот Спасовски во своето обраќање.
Притоа, тој ја истакна успешноста во справувањето со илегална миграција.
„Успешно се справивме и со предизвикот кој го наметна масовниот прилив на мигранти. Би сакал да нагласам дека од денешна перспектива акцентот го ставам на спроведувањето на енергични акции за сузбивање на мрежите на криминалци кои се дел од криумчарењето мигранти. Присутни сме во регионот, присутни сме во Европа, сите чинители обединето за една заедничка цел-елиминација на криминалот поврзан со криумчарењето на луѓе. Оваа појава сериозно наметнува безбедносни ризици, како за Западен Балкан, така и за целиот европски континент. Оттаму, многу голем дел од влоговите во усовршувањето на човечките и материјалните капацитети на министерствата беа насочени кон справување со овој организиран криминал“, рече Спасовски, споменувајќи го Договорот со ФРОНТЕКС кој е во сила веќе осум месеци и кој овозможува конкретна поддршка на терен за зачувување на безбедноста на границите.
Во однос на првиот дел, како и досега, со голем ентузијазам продолжуваме со започнатите реформи, а особено со неселективната борба против организираниот криминал и корупцијата, јакнењето на националните капацитети за борба против тероризмот и насилниот екстремизам и испорачување на конкретни, видливи резултати“, рече министерот Спасовски, додавајќи дека од голема важност е Патоказот за владеење на правото.
