Правда

Мал е бројот на испорачани екстрадиции по барање на Македонија

13.12.2023 14:20

Според податоците кои Mинистерството за правда ги даде за МТВ, лани се работело на вкупно 322 предмети кога земјава барала екстрадиција. Дел од нив не се нови, туку се преземени од претходните години, велат до Mинистерството...

Осудени, обвинети, осомничени, сторители на кривични дела – насилство, убиства, тероризам, висока корупција и други тешки дела се меѓу многуте за кои земјава бараа екстрадиција од други држави. Повеќето од нив сè уште не се испорачани. Анализите покажале дека причините за тоа се или пропусти во правната постапка или поради политиката во земјата каде што пребегале. Според податоците кои Mинистерството за правда ги даде за МТВ, лани се работело на вкупно 322 предмети кога земјава барала екстрадиција. Дел од нив не се нови, туку се преземени од претходните години, велат до Mинистерството.

„Во 2023 година до денес, се работело на 266 предмети за екстрадиција по барање на Република Северна Македонија. Барањето за Љупчо Палевски не е единствено, напротив, после тоа имаме 2 нови екстрадиции до овој момент“, велат од Министерството за правда.

Меѓу лицата за кои се барало екстрадиција во минатите години се поранешниот премиер Груевски кој после пресудата за случајот „Тенк“ доби политички азил во Унгарија. Екс-разузнавачите Никола Бошковски и Горан Грујевски, обвинети за настаните на 27-ми април, кои пребегаа во Грција. Дејан Давитковски кој е обвинет за тероризам и уривање на уставен поредок за 27-ми април побегна во Шведска каде Врховниот суд ја одби неговата екстрадиција. Косовските власти одбија да ги екстрадираат прво и второобвинетиот за петкратното убиство кај Смилковско езеро, Алил Демири и Африм Исламиловиќ. Во 2014 година Германија одби да го екстрадира второобвинетиот во предметот „Фаланга“ Давид Шекуларац, затоа што немало доволно основи наведено во барањето за екстрадиција. Едно од постарите барања за екстрадиција е за поранешниот прв цариник Драган Даравелски кој во 2007 година беше осуден во отсуство на седум години затвор. По неговото бегство од земјава и по потерницата од Интерпол беше уапсен во 2016 година во Србија. Тој стана државјанин на Србија и не беше испорачан во Македонија. Годинава неговото дело застари. Екстрадиција беше одбиена и за поранешниот министер за здравство Владо Димов, осомничен за проневера на буџетски средства.

Македонија има договори за екстрадиција со Албанија, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора, Хрватска, Косово, Словенија, Италија и САД.

 

Фиљана Кока