Битиќи: Оние кои можат да си дозволат да трошат повеќе струја, реално е и да платат повеќе
Компаниите секогаш бараат повисока цена, но не може да има поскапување за 27% зашто РКЕ го има последниот збор – вели вицепремиерот за економски прашања Битиќи. Со поскапувањето на струјата власта удира врз граѓаните, велат од ВМРО-ДПМНЕ...

Оние кои можат да си дозволат да трошат повеќе струја, реално е и да платат повеќе. Компаниите секогаш бараат повисока цена, но не може да има поскапување за 27% зашто РКЕ го има последниот збор – вели вицепремиерот за економски прашања Битиќи.
Воведениот нов товар за граѓаните или т.н давачка за пристап до мрежа значи само едно – уште едно поскапување кое ќе удри по грбот на граѓаните и компаниите, коментираат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Оваа давачка која власта ја нарекува пристап до мрежа од 250 денари месечно е удар и врз студентите, младите брачни парови кои живеат под кирија, земјоделците кои имаат куќа на село и стан во град. Дополнително, ова не е единственото зголемување на цената на струјата. Имено, ни се заканува уште поголем ценовен потрес поради зголемувањето на цената која државната ЕЛЕМ ја понудила кон универзалниот снабдувач за 1 мегават час енергија, а тоа е 57 евра, наместо досегашните 53 евра за мегават час“, изјави Марија Митева, портпаролка на ВМРО-ДПМНЕ.
Давачката за пристап до мрежа се воведува од први јануари и ќе ги опфати сопствениците на викендички, напуштени куќи и станови кои ретко се користат. Во исто време најавено е поевтинување на мрежарината.
Александра Велинова
