Собрание

Сè уште неизвесно комплетирањето на ДИК пред изборите

13.12.2023 15:01

Несогласувања при изборот на нов член на Државната изборна комисија. На Собраниската комисија се кршат копја околу кандидатот на ДУИ, Демири...

Започнаа собраниските игри околу изборот на нов член на ДИК. Во Комисијата за избори и именувања од петмина кандидати, две кандидатури не се прифаќаат. Едната, токму поднесена од кандидатот на здружената албанска опозиција, Европски сојуз за промени. Претседателката на комисијата Марија Георгиевска, од СДСМ, вели дека во биографијата на кандидатот Абдуш Демири пишувало оти тој е генерален секретар на Беса, што го разлути пратеникот Фадил Зендели кој презентираше и нотарска изјава од кандидатот дека не е член на ниту еден орган во партијата.

Власта се обидува на изборите да нема членови од албанската опозиција во избирачките одбори, велат од ВМРО-ДПМНЕ. Во ДУИ тврдат, законот не го читате како што треба.

Останува прашањето, дали ќе се пополни испразнетото место во ДИК имајќи ги дијаметрално различните мислења во Собранието, кој треба да го земе тоа место, Алијанса за Албанците или Европскиот сојуз за промени. За изгласување на кандидатот потребно е двотретинско мнозинство.

 

Миле Ристески