Екстрадицијата на Палевски може да трае со месеци
Палевски има право да се жали во сите тамошни постапки. Не се исклучува можноста Турција да побара дополнување на документацијата...

Иако барањето за екстрадиција на Палевски го испрати експресно, Министерството за правда не очекува тоа да се случи брзо. Поради постапките во Турција, би можело да трае со месеци. Но, доколку Палевски сам побара да биде екстрадиран во матичната земја, во тој случај би било по скратена постапка. Има право да се жали во сите тамошни постапки. Не се исклучува можноста Турција да побара дополнување на документацијата.
„Секоја држава има право да бара дополнителни документи за екстрадиција, но вообичаено се бараат кога бараме бегалец за кој има пресуда. Во овој случај станува збор за истрага. Доколку бидат побарани дополнителни документи, ќе ги доставиме. За вакви предмети за екстрадиција не се во прашање денови, туку месеци“, соопштуваат од Министерството за правда.
МТВ стапи во контакт со Обвинителството од Баликесир. Потврден е притворот и постапката е почната. Заменик-министерката за правда се надева дека сите процедури за екстрадиција на Палевски ќе бидат готови пред да му истече 40-дневниот екстрадициски притвор.
Брза испорака на Палевски во земјава очекува и претседателот Пендаровски. Ја доставил пораката за екстрадиција до кабинетот на неговиот турски колега Ердоган. Не соопшти детали за содржината.
Од кабинетот на Лога апелираат да не се политизира прашањето за екстрадиција со цел да не се наштети на постапката.
Љупчо Палевски е главен осомничен за грабнувањето и убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, а осомничени се уште пет лица како соизвршители и помагачи. Во интерес на истрагата, Обвинителството не открива нови детали.
Наташа Гркова-Петрушевска
