Деветмина приведени, двајца во бегство – хотел во старата скопска чаршија што бил под заштита на државата урнат незаконски
Девет лица се уапсени, по двајца се трага. Осомничени се за уривање на хотел во старата скопска чаршија, уништување на културно наследство-дел од заштитена зона. Одземени се материјални докази. Меѓу приведените има и функционери …

Хотелот „Шар Ан“, што се наоѓа во старата скопска чаршија и е заштитен споменик на културата, бил уништен од организирана криминална група – тврди Обвинителството за организиран криминал и корупција.
Отворена истрага против единаесетмина под сомнение за злосторничко здружување и уништување културно наследство. Приведени се деветмина, двајца се во бегство. Од Обвинителството велат дека првоосомничениот како претседател на Одбор на директори на акционерско друштво, иако знаел дека хотелот е културно наследство, наместо да го заштити побарал од соучесниците да го урнат и уништат.
„Четворица припадници на групата како градежни работници, без да поседуваат документација за дозволеност за преземање дејствија за рушење, употребувајќи механизација извршиле противправно уништување на автентичниот објект хотел ’Шар Ан‘. Во исто време двајца од организаторите и еден припадник на групата во својство на службени лица, чија службена должност е преземање мерки за заштита на недвижните културни наследства, иако знаеле за намерата за уништување на автентичниот објект хотел ’Шар Ан‘, дозволиле негово целосно уништување“, соопштија од Обвинителството.
Малверзации биле правени и со катастарските податоци за објектот. Предизвиканата штета се проценува на 180 милиони денари.
Викторија Милевска
