Унгарија ќе го блокира брзиот прием на Украина во ЕУ
Орбан не отстапува од веќе искажаниот став. Според унгарскиот премиер предност има мирот, за Киев да може преку неколкугодишни реформи да се приклучи на европското семејство.

На Самитот на европските лидери во наредните два дена Унгарија ќе го блокира брзиот прием на Украина во Европската унија. Орбан не отстапува од веќе искажаниот став. Според унгарскиот премиер предност има мирот, за Киев да може преку неколкугодишни реформи да се приклучи на европското семејство.
„Брзиот прием на Украина може да предизвика несогледливи последици, што не е во интерес ниту на Унгарија ниту на Европската унија. Унгарија е под притисок, но времето за Киев во Европската унија не е дојдено“, изјави Орбан.
Аргументот на Будимпешта е дека со брзиот прием на Украина, војната од украинска би се префрлила на европска територија. Но, на Унгарија ѝ е неопходен и рускиот природен гас. Оттаму се и сигналите за унгарско вето за европскиот финансиски пакет од 50 милијарди евра за Киев. Украина заслужува европска поддршка во пресрет на втората зима од војната во земјата, е непроменетиот став на шефицата на европската комисија
„Мораме да докажеме што значи поддршката за Украина онолку колку што треба. Таа не војува само против агресорот, туку и за Европа. Украинскиот избор е придружувањето кон нашето семејство и ќе биде конечна победа. Ние треба да решиме каква ни е улогата“, изјави Урсула Фон дер Лајен – претседателка на Европската комисија.
Украинскиот претседател Зеленски во Вашингтон по одобрената американска помош од 200 милиони долари во муниција и противвоздушни пресретнувачи порача дека до рускиот агресор е испратен силен сигнал за единството на Киев со Вашингтон и со Брисел.
На 658-от ден од војната, главниот град беше под вистинска канонада од проектили, во Бахмут дејствуваше рускиот систем „Град“.
Зоран Богатинов
