Корупција

Агелер со цврсти докази, Заев во одбрана на Анѓушев

13.12.2023 18:44

Кочо Анѓушев е ставен на црната листа не поради сомнеж, туку поради цврсти докази дека бил вмешан во коруптивни активности – изјави американската амбасадорка Анџела Агелер. Анѓушев доби поддршка, и тоа од поранешниот премиер Зоран Заев. Според него, Анѓушев и неговиот тим биле едни од најпосветените и најспособните, па оттука сите шпекулации биле неосновани...

Поранешниот вицепремиер за економски прашања, Кочо Анѓушев е ставен на црната листа не поради сомнеж, туку поради цврсти докази дека бил вмешан во коруптивни активности – истакна американската амбасадорка Анџела Агелер. Таа вели дека САД точно знаат што направил Анѓушев и посочи дека најавената жалба од некогашниот вицепремиер нема да промени ништо. Ставањето нови и нови имиња на црната листа треба да им помогне на македонските власти да почнат да се справуваат со проблемите, порача Ангелер.

„Има епидемија на корупција во оваа држава. Таа е во секој сектор, секоја организација, и само со именување на корумпираните актери ние можеме да почнеме да ѝ помагаме на оваа земја да се справи со тоа“, вели Агелер.

Но, Анѓушев доби и поддршка, и тоа од поранешниот премиер Зоран Заев во чијашто Владата тој беше вицепремиер. Заев рече дека Анѓушев и неговиот тим биле едни од најпосветените и најспособните, па оттука, според Заев, сите шпекулации биле неосновани.

„Анѓушев ја има мојата поддршка во докажување на неоснованоста за сомневањата кон него изразени од нашите пријатели Соединетите Американски Држави“, вели Заев.

Американската амбасадорка Агелер рече дека е задоволна од потегот на Владата да предложи закон со кој автоматски ќе се отвора истрага за секое лице кое ќе се најде на „црната листа“ на САД. Според неа, корупцијата е присутна во сите пори на општеството и значително е зголемена изминатите десет години, иако САД досега дали половина милијарда долари за владеење на правото и добро владеење.

Игор Панов