Ковачевски: Процесот на уставни измени е неминовен
Самит Европска Унија – Западен Балкан. Со декларација потврдена целосната и недвосмислена посветеност на ЕУ кон перспективата за членство на регионов. Уставните измени исправени пред нашиот евроинтегративен пат …

Поголема регионална соработка, забрзани реформи, особено за владеењето на правото и независното судство и исполнување на условите пред отворање на поглавјата, ова Европската унија им го соопшти на лидерите од регионот на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Брисел. Северна Македонија нема да продолжи со преговорите со отворање на поглавја сè додека не го исполни условот-уставни промени. Албанија, пак, чека дали Грција ќе даде зелено светло за отворање поглавја.
„Штом Северна Македонија ги донесе тие амандмани во Собранието, веднаш ќе биде одржана втората меѓу владина конференција. Се она што јас го зборував во текот на изминатите година и пол, се потврди како точно. И се потврди уште нешто како точно, дека во нашата држава имаме два блока, еден европски блок којшто се залага за интеграција на државата во ЕУ. И имаме втор блок, кој токму денес се гледа дека работи против интеграцијата на земјата во ЕУ“, порача премиерот Ковачевски пред почетокот на Самитот ЕУ- Западен Балкан.
ЕУ бара забрзани реформи за владеење на правото, особено за независно судство и поголема регионална соработка. За возврат, нуди постепена интеграција за да земјите кандидати ги почувствуваат придобивките од членството. Унијата финансиски ќе го поддржи справувањето со кибер-нападите во земјите од Западниот Балкан.
На самитот ЕУ-Западен Балкан укажано дека земјите од регионот ќе добијат финансии од Планот за раст на Западен Балкан доколку ги забрзаат реформите.
Ирина Гелевска
