Колку се прифатливи светските стандарди и упатства за лекување во Македонија?

04.06.2014 17:24

Лекарите се жалат дека дел од протоколите, особено за лекување на децата не се соодветни. Министерот Тодоров со одговор дека Кохрановите упатства се најдобрата светска практика за медицина базирана на докази која прецизно ги насочува, а воедно и ги заштитува лекарите од лекарска грешка...

Како да се лекува 6-месечно бебе од дијареја? Лекарите се зачудени што дете на толку мала возраст треба два пати да се снима на рендген или на магнетна резонанца или да прима  многу јаки антибиотици кои би можеле повеќе да му штетат отколку да му користат...Ова е еден дел од протоколите за тоа како да се постапува со пациентите според медицина базирана на докази.Дел од нив содржат  испитувања  и медикаменти што не се користат кај нас, но тоа биле поретки примери.

Д-р Ленче Неловска-потпретседател на Лекарската комора вели: „Можеби недостаток е  достапноста на некои медикаменти и лекови кои што најсовремените протоколи ги препорачуваат“.

Сепак, министерот за здравство Никола Тодоров поголемиот дел протоколи ги смета за квалитетни и применливи.

„Она што се применува во сите развиени земји ,не гледам зошто би било нелогично да се применува и во Република Македонија. Упатствата треба да помогнат да се стандардизираат некои процеси и да помогнат на лекарите во нивното функционирање во еден сегмент, но, во исто време и да ги заштитат лекарите“, смета министерот Тодоров.

Првиот човек на Лекарската комора проф. д-р Кочо Чакаларовски остава простор за нивна адаптација.

„Можеби некои лабораториски анализи  да речеме ,коишто кај нас не се воведени таму се наведуваат или како што каза колеската за некои медикаменти,  но тоа е conditio sine qua non“, вели д-р Чакаларовски.

На 22-годишнината од  постоењето на Лекарската комора, трите клучни партнери: Комората, Министерството и Фондот заклучија дека има висок степен и квалитетна соработка. Над 6000 доктори се вклучени во стручното унапредување. Ќе се воспостави и надзор за да се подобри квалитетот на здравствените услуги.

 

Соња Стојановска