ЗЕМЈОДЕЛСТВО

Привршува огласот за чување на житото

14.12.2023 08:17

Утре завршува пријавувањето за субвенции за производителите на житни култури кои сакаат да ја складираат и веднаш да не ја продаваат пченицата и јачменот од годинешниот род. Висината на поддршката изнесува 100 проценти од трошоците за чување на реколтата …

Субвенцијата за складирање може да ја користат евидентираните земјоделски стопанства со пријавени површини со пченица и со јачмен кои ја имаат дадено кај регистриран сопственик на силоси од 15-ти јуни до 1-ви септември 2023 година.

Периодот на чување на овие житни култури треба да биде од најмалку 2 до најмногу 9 месеци.

Како прифатливи количества се зачувани максимум до 5.000 тони од земјоделско стопанство, за остварен принос најмногу до 5 тони по хектар.

Висината на поддршката изнесува 100 проценти од трошоците за чување, со цена на услугата до најмногу 120 денари по тон за еден месец.

Средствата се исплаќаат на сметка на сопственикот на силосите во име и за сметка на земјоделецот.

Газдата на објектот треба на крајот на тековниот месец до Платежната агенција да достави писмени податоци за земјоделското стопанство, состојба на залихите за секој корисник одделно и цената на услугата.

Земјоделците, сите потребни обрасци кој треба да ги пополнат и достават, можат да ги земат од веб страната на Агенцијата.

Рокот за поднесување на барањата за субвенции завршува на 15-ти декември.

 

Методија Трајков