Пендаровски: Северна Македонија мора да продолжи со реформскиот процес и со изградбата на функционална правна држава
Претседателот на државата се обрати на одбележувањето на 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи со Данска, Шведска, Норвешка и Финска...

Претседателот Стево Пендаровски се обрати на приемот, што по повод 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи на Северна Македонија со Данска, Шведска, Норвешка и Финска се одржа вчеравечер во Скопје.
„Изминативе 30 години, секоја од вашите држави засебно, но и нордискиот регион, во целина, служеа како позитивен пример не само за македонската држава и општество, туку и за Југоисточна Европа. Наспроти хроничните балкански расправии и блокади, вие во континуитет ја нудите нордиската парадигма на соработка и интеграции. Вашата поддршка за нашите европски интеграции не е само декларативна, туку и многу практична, бидејќи директно и конкретно вложувате во владеењето на правото, социјалната правда и квалитетот на животот“, нагласи претседателот Пендаровски во својот говор.
Но, за жал, додаде Пендаровски, овој празник на светлината го одбележуваме во исклучително темни времиња на војни и страдања, на омраза и насилство, на помрачени умови и невини жртви. Корупцијата, социјалната нееднаквост и блокадата на евроинтеграциите се дел од македонските предизвици.
Претседателот на државата истакна дека и покрај предизвиците, Северна Македонија мора да продолжи со реформскиот процес и со изградбата на функционална правна држава. Верувам дека и во иднина ќе ја имаме целосната поддршка од вашите држави на овој план.
Сè уште постојат и неискористени потенцијали за економска, образовна и културна соработка меѓу нас. Верувам дека односите на пријателство ќе продолжиме да ги развиваме во духот на заедничките заложби за демократска, стабилна, обединета и просперитетна Европа, нагласи Пендаровски.
