Израелската армија продолжува со операциите во Газа
Двајца високи израелски команданти и уште седум други војници убиени од Хамас во заседа на периферијата на градот Газа. Тел Авив со јасна порака-нема толеранција за терористичките активности на Хамас. Советникот за национална безбедност на Белата куќа Џејк Саливен во посета на Израел. Утре на средба со премиерот Нетанјаху...

Продолжуваат операциите на израелската армија во Појасот Газа и на границата со Либан. Во текот на вчерашниот ден, загинати и повредени израелски војници во заседа на периферијата од градот Газа. Жртви и во центарот на Рафа. Израелскиот премиер Нетанјаху изјави дека Израел нема да запре пред да го уништи Хамас.
„Ние сме во фаза кога многу сили дејствуваат во Газа, во контакт со непријателот. Како што оперираме во Појасот, има се повеќе жртви и повредени. Овие операции водат до многу загинати терористи на Хамас и до предавање на многу од нив“, изјави Даниел Хагари, ппртпарол на Израрлската одбрана.
Еден ден откако претседателот Бајден изјави дека Израел ја губи меѓународната поддршка поради големиот број цивилни жртви, Белата куќа се обиде да ги повлече неговите забелешки, изјавувајќи дека САД сè уште силно го поддржуваат Израел во војната со Хамас.
„Ние сакаме овој конфликт да заврши. Не сакаме да видиме да трае ниту еден ден подолго отколку што е потребно. Но, ние исто така не мислиме дека запирањето на кампањата во моментов, и ако им дозволиме на заговорниците на нападите на 7-ми октомври да продолжат да дејствуваат, да командуваат со борците, да складираат оружје е долгорочен безбедносен интерес на кој било во регионот“, изјави Метју Милер, портпарол на Стејт департментот.
Жителите на Газа се жалат од условите во кои што живеат. Недостигаат засолништа, храна и основни услови.
„Дали избегавме од смртта? Не, не ја избегнавме смртта. Моите ќерки спиеја на вода на ова место, а сите ќебиња беа мокри. Не можеме да најдеме храна, вода за пиење, лекови“, рече Хана Абу Саиф, раселена Палестинка.
Во меѓувреме, во напад со беспилотно летало на Западниот Брег, загинаа двајца Палестинци, а 10 се ранети. Израелската одбрана уапси над 100 лица, запленето е оружје.
Маријана Димовска
