Македонија

Општина Охрид се соочува со ограничувања при изградба на фотоволтаични централи

16.12.2023 12:10

Иако во повеќе македонски општини веќе функционираат фотоволтаични централи, за охридската може да се каже дека не по своја вина стагнира во оваа сфера. Ако од една страна тоа што Охрид е на списокот на УНЕСКО охриѓани ги прави горди, од друга се наметнуваат ограничувања кои ги немаат останатите градови. Бројните услови за да се инвестира во овој бизнис се чини ги избрка инвеститорите …

Планот за управување со Охридскиот регион според препораките на УНЕСКО, специфичната документација која е потребна и можноста да се постават фотоволтаици само на 40 проценти од градежната парцела се чини дека ги обесхрабри бизнисмените коишто сакаа да инвестираат во фотоволтаични централи во Охрид и охридско.

Според некои информации тоа е причината што некои охридски компании ги насочиле таквите инвестиции во источниот дел на земјава.

Општината се труди ваквите состојби да ги надмине на друг начин.

„Секако дека тука е иднината, ние првично завршивме со таа една, ако можам да ја наречам физибилити студија којашто ќе опфаќа поставување на фотоволтаици на крововите на сите оние згради и градби коишто општина Охрид ги поседува, вклучувајќи ги и училиштата“, изјави Кирил Пецаков, градоначалник на Охрид.

За охриѓани кои живеат во стариот дел на Охрид хендикеп е неможноста за поставување на фотоволтаични панели на покривите, бидејќи со тоа ќе се наруши панорамата на градот. Има можност за поставување на соларни ќерамиди со форма и боја како постојните, но тоа е прескапа инвестиција за граѓаните.

„Се што е неконвенционално, далеку од стандардот и треба да го вклопиме со некаква околина и да се направи секако сигурно, нема да е толку едноставно. Така да можеби би била инвестиција во смисла на субвенција од страна на државата и општината за поставување на токму едни вакви ќерамиди коишто би се вклопиле во самиот амбиент на стариот дел на градот“, изјави Кирил Пецаков, градоначалник на Охрид.

Пецаков се надева дека можеби ќе се најде заеднички јазик со Комисијата на УНЕСКО околу намалување на ограничувањата при изградба на фотоволтаични централи, бидејќи во моментов интересот за инвестирање е минимален поради што губат и општината и граѓаните.

 

Сашо Нелоски