Регион

Две лица загинаа во пожар во дом за стари лица во Белград

14.12.2023 11:46

Припадници на Одделението за вонредни состојби го локализирале пожарот кој избувнал од зградата на домот. Евакуирани се 73 корисници на домот и осум вработени...

Две лица загинаа во пожар што избувна во Домот за стари лица во Мали Мокри Луг, предградието на Белград, а пет лица се повредени. Евакуирани се 73 корисници на домот и осум вработени.

Припадници на Одделението за вонредни состојби го локализирале пожарот кој избувнал од зградата на домот. Пребарувајќи на местото на пожарот, кој целосно зафатил една соба на третиот кат, пожарникарите пронашле едно починато лице И.М. старо 82 години, додека другото лице П.Д. на возраст од 92 години кое било пронајдено е предадено на екипите на Брза помош, по што починало.

„Нашите екипи евакуираа 73 корисници од домот и осум вработени, сите на безбедно место, по што се пренесени на ВМА“, изјави Драган Миковиќ, командант на Противпожарна бригада Белград.

Повредените се наоѓаат во стабилна состојба, а една пациентка е интубирана.

Во гаснењето на пожарот учествувале 27 пожарникари-спасувачи од Белград. Причината и сите околности за наведениот пожар сè уште се утврдуваат.

Оливер Бранковиќ, дописник од Белград за МРТ