ИЗРАЕЛ-ХАМАС

Продолжуваат операциите во Појасот Газа

14.12.2023 12:14

Воените дејствија на израелската армија во Појасот Газа продолжуваат. Ликвидиран значителен број припадници на терористичката група Хамас. Од Вашингтон тврдат дека во моментов едностран прекин на огнот не е одговор, поддршката за Тел Авив продолжува. Жителите на Појасот алармираат за недостигот од храна, вода, лекови …

Продолжуваат операциите на израелската армија во Појасот Газа и на границата со Либан. Војската соопшти дека ликвидирале значителен број милитанти на северот во текот на изминатиот ден. Во заседа загинаа и деветмина израелски војници. Жртви и во центарот на Рафа. Израелските власти велат дека над 100 војници биле убиени во копнената офанзива откако Хамас изврши рација во јужен Израел на 7-ми октомври.

„Ние сме во фаза кога многу сили дејствуваат во Газа, во контакт со непријателот. Како што оперираме во Појасот, има се повеќе жртви и повредени. Овие операции водат до многу загинати терористи на Хамас и до предавање на многу од нив“, изјави Даниел Хагари, портпарол на одбраната на Израел.

Во напад со беспилотно летало на Западниот Брег жртви и повредени Палестинци. Израелската одбрана уапси над 100 лица, запленето е оружје. Еден ден откако претседателот Бајден изјави дека Израел ја губи меѓународната поддршка поради големиот број цивилни жртви, од Белата куќа велат дека САД сè уште силно го поддржуваат Израел во војната со Хамас.

„Сите сакаме војната да заврши што е можно поскоро, да запре страдањето и да се воспостават услови за траен мир. Едностран прекин на огнот со терористичка група како Хамас не е одговорот. Како што рече претседателот, Хамас би можел денес да ги ослободи заложниците. Тие би можеле да ги предадат сите одговорни за нападите на 7 октомври и да го положат оружјето и војната веднаш би прекинала. Ако навистина се грижат за палестинскиот народ како што тврдат, би го направиле ова“, изјави Џон Кирби, портпарол на Советот за национална безбедност.

Жителите на Газа реагираат за воените услови во коишто живеат. Недостигаат засолништа, храна и основни услови.

„Доаѓам овде да побарам помош за да ги прехранам моите деца, а имаме и раселени луѓе кои живеат со нас. Не можеме да си дозволиме да купиме гас или струја, а немаме ништо на располагање. Не можеме да одиме на пазар да обезбедиме храна за нашите деца“, изјави жителка.

„Дали избегавме од смртта? Не, не ја избегнавме смртта. Моите ќерки спиеја на влажно место, а сите ќебиња беа мокри. Не можеме да најдеме храна, вода за пиење, лекови“, изјави раселена Палестинка.

Според анкета спроведена во Израел, а објавена од западните медиуми, граѓаните на Израел не сакаат армијата да ја прекине офанзивата и покрај повикот на Генералното собрание на ОН за прекин на огнот.

 

Маријана Димовска