Ковачевски од Брисел: Нема да се откажеме од европскиот пат
Единствена причина зошто не почнавме со отворање на поглавја е неисполнувањето на условот од преговарачката рамка за уставни измени, изјави премиерот Ковачевски во Брисел. Нашата единствена алтернатива е ЕУ, ние од европскиот пат нема да се откажеме и отстапиме, нагласи премиерот...

Единствена причина зошто не почнавме со отворање на поглавја е неисполнувањето на условот од преговарачката рамка за уставни измени, изјави премиерот Ковачевски во Брисел. Смета дека не треба да се испушти и оваа шанса што ни е дадена за усвојување уставни измени до изборите. Нагласи дека оваа работна посета на Брисел можеше да изгледа сосема поинаку.
„Можевме да дојдеме и победнички, гласно и јасно да кажеме дека ние продолжуваме со отворање на поглавјата од сите кластери од преговорите со ЕУ и дека го продолжуваме нашиот евроинтеграциски пат. Но, се потврди дека единствен кочничар на државата е анти-ЕУ, анти-НАТО и про-руската коалиција на ВМРО-ДПМНЕ и ЛЕВИЦА“, рече премиерот Ковачевски.
И покрај сето ова, додаде Ковачевски, во Брисел за нашата држава имаше позитивни дискусии и натамошна поддршка од европските лидери за трасираниот пат на Северна Македонија кон Унијата.
„Во заклучоците на ЕУ каде многу јасно е наведено дека Северна Македонија штом го исполни својот услов за спроведување на амандманите во Уставот, веднаш ќе биде одржана втората меѓувладина конференција. Нашата единствена алтернатива е ЕУ, ние од европскиот пат нема да се откажеме и отстапиме“, нагласи Ковачевски.
Ирина Гелевска известува за Самитот ЕУ- Западен Балкан
