Барањето за екстрадиција на Љупчо Палевски е примено од турските власти
Од Министерството за правда велат дека со Турција имаме коректна соработка и очекуваат експедитивност од тамошните колеги...

Барањето за екстрадиција на Љупчо Палевски е примено од турските власти, но постапката за негова испорака во земјава може да трае и неколку месеци. Од Министерството за правда велат дека со Турција имаме коректна соработка и очекуваат експедитивност од тамошните колеги. Надлежните во двете министерства се во постојана комуникација, а скратена постапка е можна само кога лицето прифаќа да биде екстрадирано.
Палевски во моментов се наоѓа во 40-дневен екстрадициски притвор. За да биде спроведен во земјава и да биде сослушан од обвинител домашните власти се водат од законот за меѓународна соработка во Кривична материја. Во членот 76 стои дека во документите што во прилог на барањето за екстрадиција ги доставуваат македонските власти влегуваат и наредбата за спроведување истрага и за издавање на меѓународна потерница, решението за притвор, како и извод од текстот на Кривичниот законик.
Од ресорот Правда потврдуваат дека стојат на располагање на колегите од Турција да ги достават и сите пропрати документи што евентуално би ги побарале со цел процесот успешно да заврши.
Анита Димитријевска Велковска
