Битиќи се обрати на десетгодишниот јубилеј на ФИТР
Заменикот на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи се обрати на десетгодишниот јубилеј на Фондот за иновации и технолошки развој...

Вицепремиерот Битиќи упати честитки до директорот, до вработените и кон сите кои несебично и професионално вложија да го изградат ФИТР во водечка институција за поддршка на стартапи и иновативни компании.
„Честитки до претприемачите, кои во изминатата деценија ја препознавте и искористивте можноста која Владата преку оваа институција ви ја создаде, а тоа е да добиете финансиската поддршка за создавање на додадена вредност за вашите компании преку иновативност и креативност. Честитки и до сите вас, кои бевте поддржани своите бизнис идеи да ги преточите во проекти, иновации кои се развија во бизниси. Значењето на ФИТР за нашата економија не се согледува само преку портфолиото од 1.100 поддржани проекти и вкупен обем на реализирани инвестиции од 138 милиони евра за десет години, ФИТР има уште една важна функција. Тоа е активно негување и развој на претприемачкиот дух кој е отворен кон иновативноста, дигитализацијата. Развој кон 4-тата индустријализација“, рече Битиќи.
Вицепремиерот Битиќи изрази задоволство што меѓу компаниите кои добија признанија во категоријата „Најбрзо растечка компанија“ е и „Кодвел Анлимитед“. Посочи дека ФИТР својот вистински развој и вистинско место го добива во 2017 година, кога програмите на ФИТР влегуваат во рамката на Планот за економски раст.
„Владата преку ЗФПИ има поддржано 919 домашни компании за нивните инвестициски циклуси со реализирани 500 милиони евра инвестиции кои се поддржани со 100 милиони евра, некаде околу 20 проценти. Сè ова е досега направено, овие 138 милиони евра поддршка треба најмалку да се удвојат во следниве години, но да се триплираат и резултатите. Поддржаните проекти да се со голема додадена вредност. Веќе гледаме и во следниот развој на ФИТР а тоа е неговата акредитација кон Зелениот климатски фонд, со што ФИТР ќе биде прва државна институција акредитирана за директен пристап до финансии од Зелениот климатски фонд. Ова е исклучително важно бидејќи ќе се овозможи поголема вклученост и поголеми финансиски средства на приватниот сектор во справувањето со климатските промени“, рече вицепремиерот Битиќи.
