Екстрадиција на Палевски: Министерството за правда очекува експедитивност од турските колеги
Барањето за екстрадиција на Љупчо Палевски е примено од турските власти, но постапката за негова испорака во земјава може да трае и неколку месеци. Од Министерството за правда велат дека со Турција имаме коректна соработка и очекуваат експедитивност од тамошните колеги. Надлежните во двете министерства се во постојана комуникација…

На осомничениот за двојно убиство Љупчо Палевски му се вршат ДНК анализи. Резултатите од анализите, трагите од барут и крв пронајдени во материјалите земени од него, ги вршат турските истражни органи. До каде е постапката истражните органи не откриваат.
Македонските власти се надеваат на досегашната одлична соработка со турските колеги, па затоа очекуваат експедитивност во разгледувањето на документите за екстрадиција на Љупчо Палевски и негово побрзо испорачување пред лицето на правдата во земјава.
Покрај тоа што надлежните во двете министерства за правда се во постојана комуникација, скратена постапка е можна само кога притвореното лице прифаќа да биде екстрадирано посочуваат кривичарите.
За Палевски да биде спроведен во земјава и да биде сослушан од обвинител домашните власти се водат од Законот за меѓународна соработка во кривичната материја. Во членот 76 пишува дека во документите што во прилог на барањето за екстрадиција ги доставуваат македонските власти влегуваат и наредбата за спроведување истрага и за издавање на меѓународна потерница, решението за притвор, како и извод од текстот на Кривичниот законик.
Од правда велат дека стојат на располагање на колегите од Турција да ги достават и сите пропратни документи што евентуално би ги побарале со цел процесот успешно да заврши.
Палевски во моментов се наоѓа во 40-дневен екстрадициски притвор, но за тоа кога ќе биде предаден на македонските судски органи зависи од турските власти и правните лекови кои на осомничениот му се на располагање.
Миле Ристески
