Македонскиот енерегетски сектор ги следи трендовите- во фокус обновливите извори на енергија
Електрани на Македонија, по четврти пат, со свој штанд на најголемиот саем за енергетика во Европа, што се одржува во Келн. Претставени се развојните енергетски проекти во Македонија, пред потенцијалните бизнис партнери...

Со инвестиции од 50 до 70 милиони евра годишно македонскиот енергетски сектор ги следи најновите трендови. Фокусот останува на обновливите извори на енергија. Со ревитализацијата на шестте големи хидроцентрали, како и со изградбата на ветерниот парк во Богданци, ЕЛЕМ се обидува да го направи портфолиото пофлексибилно за новиоте предизвици во процесот на либерализација.
„Ветерниот парк Богданци го завршуваме оваа година, односно имаме период на тестирање на опремата. Втората фаза на ревитализацијата на шестте големи хидроелектрани во Република Македонија, Бошков Мост, Луково Поле, решавањето на каскадата, односно овозможувањето максимално искористување на водениот потенцијал на Црн Дрим и решавањето на преливите од Охридското Езеро, како и решавањето на предизвиците со Вардар во Полошкиот регион се следниот фокус на АД ЕЛЕМ за следниот период“, најави генералниот директор на ЕЛЕМ, Дејан Бошковски.
Иако европејците декларативно ги фаворизираат обновливите извори на енергија, сепак најголемите пари ги насочуваат во модернизација и изградба на термо централи со ниска емисија на стакленични гасови.
Енергетичарите се залагаат за комбиниран модел за користење на различни енергетски извори. Експанзијата на ветерната енергија мора да биде следена и со користење на модерни гасни турбини.
Свето Николовски, специјален дописник од Келн за МРТ
