Продолжуваат нападите врз Газа
Воените дејствија на израелската армија во Појасот Газа продолжуваат. Ликвидиран значителен број припадници на терористичката група Хамас. Од Брисел велат дека треба да се разгледа политичко решение за конфликтот. Од Вашингтон со став, дека во моментов едностран прекин на огнот не е одговор …

Продолжуваат операциите на израелската армија во Појасот Газа и на границата со Либан. Војската соопшти дека ликвидирале значителен број милитанти на северот.
„Ние сме во фаза кога многу сили дејствуваат во Газа, во контакт со непријателот. Како што оперираме во Појасот, има се повеќе жртви и повредени. Овие операции водат до многу загинати терористи на Хамас и до предавање на многу од нив“, изјави Даниел Хагари, портпарол на израелската одбрана.
На Самитот на ЕУ во Брисел, шефот за надворешна и безбедносна политика на ЕУ одново ја повтори потребата од решение за две држави меѓу Израел и Палестинците.
„Арапските земји веќе рекоа дека нема да учествуваат во обновата на Газа доколку меѓународната заедница не се заложи за изградба на дводржавно решение. Мораме да се фокусираме на политичко решение на проблемот еднаш засекогаш“, изјави Жозеп Борел, шеф за надворешна и безбедносна политика на ЕУ.
Откако САД гласаше против резолуцијата на ООН за Газа, од Белата куќа велат дека поддршката за прекин на огнот во моментов би била оправдување за нападите на Хамас од 7-ми октомври.
„Едностран прекин на огнот со терористичка група како Хамас не е одговорот. Како што рече претседателот, Хамас би можел денес да ги ослободи заложниците. Тие би можеле да ги предадат сите одговорни за нападите на 7 октомври и да го положат оружјето и војната веднаш би прекинала. Ако навистина се грижат за палестинскиот народ како што тврдат, би го направиле ова“, изјави Џон Кирби, портпарол на Советот за национална безбедност.
Жителите на Газа реагираат за воените услови во коишто живеат. Недостигаат засолништа, храна и лекови.
„Доаѓам овде да побарам помош за да ги прехранам моите деца, а имаме и раселени луѓе кои живеат со нас. Не можеме да одиме на пазар да обезбедиме храна за нашите деца“, изјави жител на Рафа.
„Дали избегавме од смртта? Не, не ја избегнавме смртта. Моите ќерки спиеја на вода на ова место, а сите ќебиња беа мокри. Не можеме да најдеме храна, вода за пиење, лекови“, изјави раселена Палестинка.
Според анкетата на Универзитетот во Тел Авив спроведена на крајот на октомври меѓу 609 испитаници, граѓаните на Израел не сакаат армијата да ја прекине офанзивата против Хамас.
Маријана Димовска
