Кривичен суд

Обвинителство бара најстрога казна за сите обвинети во случајот „Ласкарци“

14.12.2023 16:10

Во скопскиот Кривичен суд почнаа завршните зборови за случајот „Ласкарци“ во врска со сообраќајната несреќа од 2019 година кога загинаа 16 лица...

Најстрога казна за обвинетите во случајот „Ласкарци“ од судот побара јавниот обвинител Јакимовски. Во завршните зборови тој посочи дека кај сите обвинети постоела безобѕирност во постапувањето и дека се во директна врска со последицата која резултираше со 16 загинати лица. Тие имале правна должност да спречат да дојде до несреќата. И сето е резултат на низа пропусти за кои нема сомнеж дека се направени, додаде Јакимовски.

На барањето на обвинителот за кривичен прогон се приклучија адвокатите на настраданите, нивни родители, но и дел од оние кои настрадаа во несреќата.

Бранителот на дел од обвинетите Дељо Дадиев го впери прстот во, според него, необјективното известување кое придонело за перцепција кај јавноста што не соодветствувала со вистината.

За несреќата обвинети се Дурмиш Белули, сопственик на компанијата „Дурмо турс“, одговорниот за транспорт во фирмата, Ремзи Мифтари и возачот на автобусот, Маноил Трифуновски, за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот. Тројцата вработени во станицата за технички преглед, пак, Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски, за соучество во истото дело.

 

 

Фиљана Кока