Образование

ДИЦ го продолжува штрајкот

14.12.2023 16:25

Стручниот испит за наставници и стручни соработници на кој се пријавени 700 кандидати, нема да се реализира. Државниот испитен центар ќе стопира повеќе процеси кои веќе се во тек. Синдикатот на Државниот испитен центар го продолжува штрајкот којшто беше ставен во мирување во мај оваа година...

Стручниот испит за наставници и стручни соработници на кој се пријавени 700 кандидати, нема да се реализира. Ќе нема ни основна обука за кандидати за директори, напредните обуки за директори, меѓународните тестирања, а повторно е загрозена и државната матура. Државниот испитен центар ќе стопира повеќе процеси кои веќе се во тек.

Синдикатот на Државниот испитен центар го продолжува штрајкот којшто беше ставен во мирување во мај оваа година.

Од Државниот испитен центар изготвиле неколку измени на колективниот договор, по што, за одговор од Министерството за финансии се чека и по два месеца. На новото барање сè уште нема одговор.

Од Министерството за образование апелираат да продолжи дијалогот меѓу финансии и Државниот испитен центар до целосно усогласување на ставовите на двете страни.

„Потсетуваме дека со потпишувањето на новиот општ колективен договор, и вработените во оваа институција, меѓу другото, од септември добија 10% повисоки плати, така што тоа е потврда дека кај владата постои волја и дека постојано се заложува за унапредување на правата на вработените во јавната и државната администрација“, се вели во соопштението од Министерството за образование.

Од Државниот испитен центар бараат да имаат минимум примања колку што има наставник ментор, а тоа е 25 проценти повеќе од нивните сегашни плати. Станува збор за околу 26 вработени.

 

Ана Јосифоска – Тодоровска