Кривичен суд

Судија на претходна постапка одреди притвор за осомничените за уривањето на хотелот во старата скопска чаршија

14.12.2023 17:29

11-мина осомничени за злосторничко здружување и рушење хотелски објект, дел од културно наследство во старата скопска чаршија. Кривичниот суд им одреди 30-дневен притвор, четворица се во куќен, а за еден од осомничените има мерка на претпазливост.

6-мина добија 30-дневен притвор, четворица куќен, на еден од осомничените му е одредена мерка на претпазливост. Вака одлучи судијата на претходна постапка по сослушувањето на 9-темина приведени во полициската акција за уривање хотел, дел од културното наследство во старата скопска чаршија.

На двајцата кои сè уште се во бегство им е одреден притвор во отсуство. Ќе важи од времето кога ќе бидат уапсени.

11-темина се осомничени за злосторничко здружување и уништување културно наследство. Обвинителството ги товари за оштетување на буџетот од над 3 милиони евра. групата спротивно на неколку закони го урнала хотелот во старата скопска чаршија – објект кој се смета за културно наследство, заштитен со закон. Без правен основ бил извршена и промена на катастарската парцела – од градежно изградено во неизградено земјиште со што објектот бил избришан од евиденцијата на институциите.

Во групата има и државни функционери. Првоосомничен е претседателот на одборот на директори на акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор. Меѓу членовите се и поранешен директор на националната установа конзерваторски центар, поранешен директор на управата за заштита на културно наследство, поранешен заменик-директор на агенцијата за катастар, вработени во институциите, двајца бизнисмени и вработени во приватни компании кои учествувале во уривање на објектот.

 

Наташа Гркова Петрушевска