Конфренција

Годишна конференција на рускиот претседател Путин

14.12.2023 18:02

Годишна прес-конференција во Москва на рускиот претседател Путин. Во фокусот состојбата во Газа, Украина, односите со САД и Европа, правците на развојот на руската економија.

Поддршката што ја добива Украина не е милосрдие, туку е инвестиција во одбраната на западните демократски вредности, порача во Брисел, Столтенберг. Генералниот секретар на алијансата се сретна со словачкиот премиер Фицо по најавите од Братислава за запирање на воената помош од државните магацини за Киев.

„Запирањето на воената помош за Киев ќе ја продолжи војната, таа нема да заврши. Администрацијата на Бајден уште еднаш понуди помош, европските лидери дискутираат и за отворање на преговорите со Киев, но и за економска поддршка. Доколку Путин победи во Украина, постои реален ризик агресијата да не запре само таму. Затоа поддршката е влог во безбедноста“, изјави Јенс Столтенберг – генерален секретар на НАТО.

Изјавата на новиот словачки премиер предизвика нова дилема за неусогласеноста на некои земји со генералната политика на НАТО и на Европската унија.

„Вистина е дека ја запревме воената помош за Украина. Нема веќе да испраќаме што било од државните складишта на словачката армија. Но и пред изборите кажав, нема да ја блокираме економската соработка“, изјави Роберт Фицо – премиер на Словачка.

Ваквите изјави беа добредојдени за рускиот претседател Путин при неговата годишна мега-конференција со новинарите во Москва. Војната ќе заврши кога ќе ги постигнеме целите, денацификација, демилитаризација и неутрална Украина, потенцираше шефот на Кремљ.

„Денес Украина не произведува ништо, сè што им е доставено е бесплатно, затоа полека им се гледа крајот. За време на преговорите во Истанбул, ние се согласивме, но тие ги отфрлија нашите аргументи. Затоа, или ќе се договориме или ќе го решиме тоа на сила“, изјави Владимир Путин – претседател на руската федерација.

На боиштата на Украина, последните цели на руското гранатирање се Одеса и Херсон. Има загинати и повредени. Во црноморското пристаниште повредени се 11-мина меѓу кои и три деца.

 

Зоран Богатинов