Бесими: 90 милиони евра поддршка за буџетските политики
Договорот за заем од КфВ банката за достапност на овие 90 милиони евра е потпишан денеска од страна на министерот за финансии Фатмир Бесими и директорот на КфВ за РС Македонија и Косово Мориц Реме.

Министерството за финансии обезбеди 90 милиони евра од КфВ развојната банка за поддршка на буџетските политики со цел справување со предизвиците од кризата. Договорот за заем од КфВ банката за достапност на овие 90 милиони евра е потпишан денеска од страна на министерот за финансии Фатмир Бесими и директорот на КфВ за РС Македонија и Косово Мориц Реме.
Тој се заблагодари на КФВ банката за одобрувањето на овие средства и посочи дека тие се потврда за заложбите на Владата за преструктурирање и декарбонизација на домашниот енергетски сектор и обезбедување сигурно и стабилно снабдување на домаќинствата и компаниите со електрична енергија.
Според Реме целта на овој заем е да ја поддржиме Република Северна Македонија во нејзините напори за енергетска транзиција и во достигнување на амбициозната цел во согласност со Договорот од Париз за намалување на стакленичките гасови за 82% во споредба со референтното ниво од 1990 година.
„Во рамките на Берлинскиот Процес и Климатското Партнерство со земјите од Западен Балкан, KfW ја поддржува Република Северна Македонија во нејзините напори да ги зазелени своите енергетски капацитети и да ја зголеми енергетската ефикасност. Во енергетскиот сектор, во Република Северна Македонија, KfW финансира ветерни паркови, фотонапонски централи, одржливи системи за централно греење, рехабилитација на големите хидро електрични централи и модернизација на студентските домови. Портфолиото на KfW во Македонија во енергетскиот сектор изнесува 227 милиони евра со дополнителни 210 милиони евра за инвестициски проекти во подготовка“, истакна Реме.
Заемот од КфВ развојната банка ќе се повлече во една транша, која се очекува да биде достапна до крајот на оваа година.
Ова е дел од поширокиот пакет што го обезбеди Владата за справување со кризата, кој вклучува и 100 милиони евра од ЕУ, како и 50 милиони евра за развојни политики од Светска банка.
