Војната меѓу Израел и Хамас беснее во Појасот Газа
Војната меѓу Израел и Хамас беснее низ целата палестинска енклава, предизвикувајќи хуманитарна катастрофа. Нетанјаху досега ги отфрли сите апели за прекин на огнот. Вашингтон бара израелската војска да биде попрецизна во нападите. Хамас повика на демонстрации низ целиот свет...

Судирите меѓу израелската армија и припадниците на Хамас продолжија низ целиот Појас Газа. Најжестоките борби сè уште се водат на југ и на север.
„Постојат нови борбени методи што ќе ги користиме и ќе ги ликвидираме терористите. Ќе влеземе и на места каде што знаеме дека терористите се дружат и ќе го чекаме вистинскиот момент. Терористите нема да бидат заштитени и под земја“, изјави портпаролот на израелската одбрана, Даниел Хагари.
Израелскиот премиер, Нетанјаху, го повика Црвениот крст да изврши поголем притисок за да добие пристап до заложниците што ги држи Хамас во Појасот Газа.
„Ги имате сите можности, секое право и секое очекување да извршите јавен притисок врз Хамас. И сакам да изразам благодарност за вашата помош и поддршка за ослободување на заложниците. Мојата цел е да видиме како можеме да помогнеме на заложниците“, изјави израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху.
Американскиот секретар за национална безбедност, Џејк Саливан, се сретна со израелскиот премиер и министерот за одбрана во Тел Авив. Го пренесе ставот на Белата куќа дека сегашната фаза на војната треба да заврши за две до три недели. Саливан денеска престојува на Западниот Брег, каде ќе разговара со палестинскиот лидер Махмуд Абас, на Западниот Брег, во Рамала. Шефот на Белата Куќа го повика Израел да биде внимателен.
„Сакам да бидат фокусирани на тоа како да спасат цивилни животи. Не престанувајте да го следите Хамас, туку бидете повнимателни, порача американскиот претседател, Џо Бајден.
Палестинскиот премиер, вели дека администрацијата на Бајден сега мора да преземе конкретни чекори кон решение за две држави, вклучително и со примена на притисок врз Израел.
„Потребни се конкретни мерки за да се имплементира решението за две држави, не само да се верува во две држави. Постојат голем број чекори што може да ги направи Вашингтон. САД можат да го преземат водството во спроведувањето на решението. Да му дадат мандат на Советот за безбедност на ООН да состави распоред за Израел да ја прекине својата окупација на палестинска територија“, изјави премиерот на Палестинската управа, Мохамед Штаје.
Во меѓувреме, висок функционер на Хамас за поплавување на тунелите во Газа вели дека при изградбата на подземниот лавиринт биле земени предвид сите закани.
Маријана Димовска
