Тивката дипломатија посилна, помешани чувства по одлуката на Брисел
Задоволство во Киев по одлуката на лидерите на Европската унија, кои на самитот во Брисел решија да отворат преговори за членство на Украина во блокот. За претседателот Зеленски, ова е мотив за земјата во којашто беснее војна да ги спроведе реформите. Сепак, чувствата се помешани откако премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, стави вето на помошта од 50 милијарди евра, којашто и тоа како и е потребна на Украина…

Тивката дипломатија посилна од силното опонирање на унгарскиот премиер за отворањето на европските преговори за членство на Украина. Откако три часа се противел на Самитот на лидерите на унијата во Брисел, Орбан бил замолен од германскиот канцелар Шолц да ја напушти салата накусо, за да размисли, по што 26 од 27 членки гласале за пристапните преговори со Киев.
„Еден од лидерите, шведскиот, треба да се посоветува со својот парламент, тоа е вообичаена постапка, и еден од лидерите не се согласи со пакетот на преговорите со Украина, тоа значи дека поддршката беше изразена од 26-те лидери. Ова е важно за украинската миграција, за фондот за солидарност, за одбраната. Сметам дека испративме многу силен сигнал до украинците, бидејќи покрај отворањето на преговорите со Украина, тоа го направивме и со Молдавија, Грузија доби кандидатски статус, со Босна и Херцеговина ќе ги отвориме преговорите во неделите кои следат откако ќе го добиеме извештајот со можна одлука на комисијата. Ова е историски момент, историски Европски совет“, изјави Шарл Мишел, претседател на Европскиот совет.
Со одлуката на Брисел се засилува европската надлежност на одбранбената компонента на стариот континент. Првите честитки за одлуките на Самитот пристигнаа од Вашингтон, се потврдува трансатлантското партнерство. Вистинското славење е во Киев, Зеленски коментираше-ова е гласна порака до Путин.
„Навистина забележителен резултат за Украина и за цела Европа. Следниот чекор е полноправното украинско членство во Европската унија. Со ова ги отфрламе сомнежите. Ова значи огромна работа, да се интегрира државата, сите институции според правилата на Унијата. Ќе го направиме тоа, и ќе има и втора победничка одлука-времето кога ќе го прославиме членството во Европската унија“, нагласи украинскиот претседател Володимир Зеленски.
На самитот, копјата се кршеа и за европските 50 милијарди евра помош за Киев од фондот за обнова и за отпорност. Холандскиот премиер Руте изјави – со германски напор биле надминати недоразбирањата, но и Украина сепак ќе добие дел од наменскиот буџет.
„Комисијата успеа да додели 10 милијарди од фондот, додека останатите средства ќе зависат од одлуката на Советот. Парите се заглавени во фондот. Но, ние го почитуваме владеењето на правото и за Украина ќе нема кратки патеки“, изјави Марк Руте, премиер на Холандија.
Честитки пристигнаа од Тбилиси за Киев и Кишињев. И Грузија доби кандидатски статус од Брисел. Претседателката Зурабишвили не ја криеше радоста.
„Овој забрзан процес што се случи во Брисел немаше да се случи ако не беше борбата и посветеноста на украинскиот народ во двогодишната брутална војна“, рече Саломе Зурабишвили, претседателка на Грузија.
Таа пак, на само неколку стотини километри оддалеченост, на разурнатата украинска територија во пресрет на зимата продолжува со несмалено темпо.
Зоран Богатинов
